Бугарско-македонско сонатно дуо ќе дебитира на фестивалот „Музикални ѕографи“ во Софија
На 9 ноември (сабота) од 19:00 часот, во Централниот воен клуб во главниот град.
Публикувано на 07.11.2024
Сонатното дуо составено од пијанистката Јана Лолова и виолончелистот Антонио Илиоски ќе направи дебитантско изведување на бугарска сцена, како дел од новиот фестивал во Софија „Музикални ѕографи“. Концертот ќе се одржи на 9 ноември (сабота) во 19:00 часот во Централниот воен клуб во Софија. Билетите се достапни преку мрежата на Eventim, како и на самата локација непосредно пред концертот.
Фестивалот е организиран од здружението „Про Артибус“, со поддршка од Сојузот на бугарски музички и танцови дејци, Националната музичка академија „Проф. Панчо Владигеров“, Фондацијата „Бугарска меморија“ и Националниот донаторски фонд „13 века Бугарија“.
Во програмата ќе бидат изведени:
Лудвиг ван Бетовен – Соната за пијано и виолончело, оп. 102 бр. 1 во Ц дуруп
- Andante / Allegro vivace
- Adagio / Tempo d’Andante / Allegro vivace
Клод Дебиси – Соната за виолончело и пијано во d-мол
- Prologue (Lent)
- Serenade (Modérément animé)
- Final (Animé, léger et nerveux)
Јоханес Брамс – Соната за пијано и виолончело, оп. 38 во e-мол
- Allegro non troppo
- Allegretto quasi Menuetto / Trio Allegro
- Più presto
За музичантите:
Јана Василева Лолова
Родена во 2001 година во Софија. Почнала да свири пијано на петгодишна возраст. Од 2008 година студира на Националното музичко училиште „Љубомир Пипков“ во класата на Цвета Кунчева. Во 11. клас преминува кај проф. д-р Илия Чернаев и сега продолжува студиите кај него на Националната музичка академија „Проф. Панчо Владигеров“. На 11-годишна возраст ја освојува првата награда на Вториот меѓународен натпревар за млади пијанисти во Гевгелија, Северна Македонија. Има освоено бројни награди на меѓународни конкурси: Ниш (2014), Врање (2019 – Grand Prix), „Млади виртуози“ Софија (2018), Перник (2018), „Даворин Јенко“ Белград (2019), Академичен камерен конкурс Софија (2023, 2024) и други. Лауреат е и на натпреварот „Надежди, таленти и мајстори“ – Добрич (2017) и на Академскиот конкурс „Проф. Савка Шопова-Маркoва“ (2022). Учествувала на мајсторски класи во Рим и Брисел и соработувала со познати пијанисти како Никола Ангелих, Јуси Сирала и Ирен Коган.
Антонио Илиоски
Роден во 2003 година во Скопје. На осумгодишна возраст започнува да свири виолончело во основното музичко училиште „Илија Николовски – Луј“ во Скопје. Потоа студира во класата на доц. д-р Атанас Кръстев во Националната музичка академија „Панчо Владигеров“ во Софија. Од 2013 година до денес има учествувано и освојувано награди на 51 национален и меѓународен конкурс – во Македонија, Србија, Хрватска, Бугарија, Малезија, САД, Словенија, Италија. Освојува четврта награда на „Антонио Јанигро“ во Загреб, трета награда во Словенија, а подоцна 1. награда и специјална награда на Chopin Society во Малезија, како и титулата „Млад артист на годината“ во Њујорк. Во 2024 година ја добива Првата награда на Меѓународен конкурс „Полихимнија“ во Скопје. Учествувал во мајсторски класи со Андреј Јонита, Валентин Радутју, Сол Габета и други.
Фестивалот „Музикални ѕографи“ продолжува со уште неколку музички настани на 11, 12, 13, 18 и 20 ноември. Билети може да се најдат преку мрежата на Eventim или на самата локација пред почетокот на концертот.